
Научен тим од Универзитетот во Источна Англија открил дека одредени промени во генетскиот материјал на поларните мечки би можеле да им помогнат подобро да се справат со сè повисоките температури во нивното природно живеалиште. Станува збор за прво истражување што утврдува јасна статистичка поврзаност меѓу климатското затоплување и измените во ДНК-та кај диви цицачи. Студијата е објавена во научното списание „Мобил ДНК“, а за неа информира и британскиот весник „Гардијан“.
Поларните мечки се меѓу најпогодените видови од климатските промени, а експертските процени укажуваат дека доколку продолжи топењето на морскиот мраз, до средината на векот би можеле да исчезнат дури две третини од нивната популација. Во рамки на истражувањето биле анализирани крвни примероци од мечки во два различни делови на Гренланд. Фокусот бил ставен на т.н. „скокачки гени“ подвижни сегменти од геномот кои можат да ја менуваат активноста на други гени.
Резултатите покажале дека кај мечките од југоисточен Гренланд, гените поврзани со топлински стрес, метаболизам и процесите на стареење функционираат поинаку, што упатува на можна генетска адаптација на потоплата средина. Водечката истражувачка, Алис Годен, истакнала дека зголемените температури се поврзани со поактивно „однесување“ на овие гени, што може да претставува биолошки одговор на променливите услови. Таа посочила дека токму популацијата на мечки од најтоплиот дел на Гренланд покажува поизразена активност на „скокачките гени“, што би можело да биде еден од механизмите за опстанок во услови на забрзано исчезнување на морскиот мраз.
Истражувањето дополнително покажува дека мечките во потоплите подрачја се соочуваат со поинаква исхрана и променето живеалиште. Забележани се генетски измени во деловите од ДНК кои се поврзани со обработката на мастите, што се совпаѓа со фактот дека јужните популации се хранат со погруба, делумно растителна исхрана, за разлика од северните мечки кои главно ловат фоки.
Научниците идентификувале и неколку генетски „жаришта“ со засилена активност на подвижните гени, вклучувајќи и региони одговорни за создавање протеини, што укажува на брзи и суштински промени во генетската структура. Следната фаза од истражувањето ќе биде проверка дали вакви шеми се појавуваат и кај други популации на поларни мечки, кои бројат околу 20 низ целиот свет.
Иако резултатите отвораат можност за подобро разбирање и заштита на видот, научниците нагласуваат дека без сериозно намалување на емисиите на јаглерод и забавување на глобалното затоплување, ризикот за поларните мечки останува исклучително висок.
