Skip to main content
Македонија

Покачување од 30 отсто на платите што почнуваат од 25.010 денари бараат вработените во неколку министерства, ќе штрајкуваат цела недела

14/01/2025  12:45

Место на пауза, утрово, вработените од неколку министерства во 11 часот излегоа на получасовен штрајк пред Министерството за животна средина за поголеми плати. Од 11 до 11.30 часот на штрајк ќе излегуваат секој ден оваа недела, а в петок ќе штрајкуваат пред Министерството за финансии. Разочарани се што Владата не предвиде средства за потпишување на колективниот договор, кој ќе значи покачување на платите за 30 отсто и покрај преговорите со нив и навреме доставениот предлог до Министерството за финансии.

„Иако предлог-колективните договори беа доставени до Министерството за финансии пред носењето на државниот буџет за 2025 година, од за нас неразбирливи причини Министерството за финансии не одобри средства за потпишување колективни договори. Висината на платите на вработените во институциите што денес протестираат почнува од 25.010 денари. Просечната плата во овие институции изнесува приближно 29.000 денари, а просечната плата во државата е 42.124 денари. Додатокот што го бараме од 30 % значи дека вработените би добиле 6.000 денари, износ што би бил зголемен на нивната плата, но и покрај тоа, сите вработени ќе бидат под просекот на државата. Ова наше барање е старо повеќе од четири години. За овој додаток на плата сме протестирале и сме штрајкувале со години, но, за жал, ниедна влада досега не го слушна нашиот глас“, рече Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ).

Нарочно избрале да почнат со штрајкот денес оти во вторник Владата има седница. Деаноски апелира на денешната седница да се стави точка на дневен ред со која ќе се изнајде начин на кој ќе се обезбедат средствата од буџетот на државата за решавање на овој долгогодишен проблем на вработените.

Протестираат вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив.