
Повеќе од 40 изложувачи од државава и регионот од денеска до четврток ќе бидат дел од Меѓународниот саем за енергетика и технологија „Енерго-Технома 2025“. Годинава, фокусот ќе биде ставен на одржливите решенија и технолошките иновации.
Саемската манифестација ќе се одржува под мотото „Вклучи одржливи навики“. Од енергетски ефикасни решенија за домаќинствата до иновации што ги трансформираат производствените процеси, „Енерго-Технома 2025“ ќе обедини професионалци, технолошки ентузијасти и млади иноватори од различни делови на светот. На површина од 2.500 метри квадратни, ќе бидат презентирани производи и технологии од различни индустриски сектори, вклучувајќи енергетски постројки и опрема, системи за греење и ладење, соларна енергија, хибридни технологии, трансформаторски и климатизациски решенија, како и иновации од областа на роботиката и интелигентните системи.
Во текот на четирите дена ќе бидат организирани и над 20 стручни презентации и практични демонстрации, а дел од саемот се и младите иноватори од техничките факултети, кои ќе се претстават со нивните иновативни решенија.
Една од темите за кои ќе се разговара е и циркуларната економија на која ќе бидат посветени пет панели преку кои ќе бидат прикажани добрите македонски примери и примерите од регионот, а ќе се разговара и за пристапот до финансии бидејќи воведувањето на циркуларноста е скап процес.
Првиот саемски ден ќе биде отворен од 13 до 18 часот, во вторник и среда посетителите ќе можат да го посетат саемот од 10 до 18 часот, додека во четврток работното време ќе биде од 10 до 17 часот.
Саемот се одржува втора година по ред откако имаше пауза за време на Ковид кризата, а претходно се одржуваше на просторот на поранешниот Скопски саем.

