
Саем за медицина, стоматологија и фармација – Health Innovation Expo 2025 почнува денеска во Скопје во организација на Комората на приватно здравство на Македонија.
На саемот ќе учествуваат експерти, компании и институции кои ќе ги претстават своите иновативни решенија преку јавни трибини, предавања и саемски презентации.
На отворањето на дводневниот саем најавено е и обраќање на министерот за здравство Азир Алиу.
Од Комората на приватно здравство информираат дека по речиси две децении, земјава добива настан од ваков карактер, создаден како одговор на забрзаниот глобален технолошки развој, дигитализацијата на здравствената индустрија и растечката примена на вештачка интелигенција.
Во ова прво саемско издание ќе ставиме акцент на технолошките иновации со фокус на развојот и правилната примена на вештачката интелигенција, која несомнено ќе придонесе за олеснување на секојдневната клиничка пракса и ќе ја надополни дигитализацијата во здравството. Фокусот на овие технологии е одлична можност за сите заинтересирани компании да ги претстават своите решенија и технолошки достигнувања – преку јавни трибини со учество на експерти и институции, како и преку класично саемско експонирање, посочуваат од Комората и додаваат дека очекуваат квалитетна понуда наменета за повеќе од 5.500 приватни здравствени установи, над 30.000 здравствени работници во приватното здравство и над 33.000 вработени во јавниот здравствен сектор.

