Skip to main content
Македонија

Почнува најголемата воена вежба во земјава „Брз одговор 2025“

26/05/2025  07:45

Од денеска државава ќе биде домаќин на воената вежба „Брз одговор 2025“ како дел од големата мултинационална вежба DEFENDER 2025 со околу 12.000 војници кои учествуваат во различни земји низ Европа.

Во вежбата што ќе се одржува во земјава ќе учествуваат повеќе од 2.000 војници од државава, САД, Црна Гора, Косово, Австрија, Грција, Албанија, Италија и Обединетото Кралство. Северна Македонија ќе учествува со 950 припадници на Армијата, САД со 710, Црна Гора со 185 учесници, Косово со 150, Австрија со 70, Грција 50, Албанија 30, Италија 30 и обединетото Кралство со двајца учесници. 

Сите единици ќе користат своја формациска опрема, а како позначајни ќе бидат тенковите Леопард, борбените хеликоптери „AH-64 APACHE“, транспортни медицински хеликопртери Blek hawk, инженериско возило „Хаски“, минофрлачи 120милиметри, транспортен хеликоптер Ми 8/17 и оклопни возила JLTV i HMMWV. На вежбата ќе се користи стандардна маневарска и боева пешадиска и артилериска муниција.

Вежбата ја тестира способноста на НАТО да одговори на развојните безбедносни закани, вклучувајќи и сајбер напади, служејќи како важна платформа за усовршување на мултинационалната соработка и потврдување на подготвеноста на силите-учеснички да го споделат товарот во сложени и спорни средини.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски минатата недела на брифинг со медиумите информираше дека оваа вежба е една од најголемите досега во државава во која ќе учествуваат околу 2200 војници од седум НАТО земји и две партнерски држави.

– Вежбата меѓу другото има цел да ја подобри интероперабилноста меѓу сојузничките и партнерските силик како и заедничко дејствување во сложени услови и брза реакција на силите во источниот дел на Европа, истакна Лафчиски.

„Брз одговор 2025“ се поклопува со 32-годишнината од Програмата на партнерски сојузни држави меѓу Националната гарда на Вермонт и Северна Македонија, под покровителство на Бирото на Националната Гарда на САД.

Во пресрет на воената вежба, во Битола и Штип заеднички концерт одржаа Воениот оркестар на Армијата и оркестарот на Националната гарда од Вермонт, САД.  Отворениот ден за граѓаните со приказ на операмата од вежбата е закажан за 1 јуни во Кавадарци, а денеска концерт ќе одржат во Скопје. 

Денот за високи гости ќе се одржи на 2 јуни кога ќе се реализира вежбата „Засилен пешадиски баталјон во напад“.

Според американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, „Брз одговор 2025“ е јасен доказ за блиското и растечко партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија.

– Преку заеднички обуки, ангажирање во заедницата и соработка со нашите НАТО сојузници, ја зајакнуваме нашата колективна посветеност на мирот и безбедноста. Овие вежби ја подобруваат воената подготвеност и ги зближуваат нашите заедници, вели Агелер.

Од Американската амбасада во петокот во соопштение посочија дека САД и Северна Македонија продолжуваат да го зајакнуваат своето партнерство во одбраната, образованието, претприемништвото и граѓанското општество, поддржувајќи го институционалниот развој и безбедносните способности на Северна Македонија.

– Двете земји остануваат насочени кон проширување на соработката во енергетиката, одбраната, трговијата и културната размена, обезбедувајќи долгорочен просперитет и безбедност. Брз одговор 2025 е пример за обезбедување мир преку зајакнување на подготвеноста на НАТО и колективната одбрана, нагласија од Американската амбасада.