Skip to main content
Македонија

Почна штипската „Пастрамалијада“

19/09/2025  15:11

Мирисот на традиционалната пастрмајлија и музичката програма, ќе го одбележат новото издание на манифестацијата „Штипска пастрмајлијада“, што почна денес.

Градот и годинава се очекува да биде собирно место за илјадници посетители од целата држава, кои доаѓаат да уживаат во гастрономските специјалитети и во забавната програма.

Стартот на новото издание на манифестацијата го означи џиновската пастрмајлија, која оваа година е рекордно голема. Николче Малинов кој традиционално ја пригoтвува џиновската пастрамајлија, претходно изјави дека за првпат ќе се употреби 17 килограми свинско месо, најмногу до сега споредбено со годините наназад.

На отворањето присуствуваше и потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој нагласи дека ваквите настани се значајни за развојот на локалната економија.

„Навистина е чест да се биде денеска во Штип на отворањето на овој голем настан за кој живее овој град и целиот регион. Ова значи многу посетители и влез на неколку милиони евра директно во локалната економија, што е задвижување за целото стопанство и нешто што треба да биде поддржано“, изјави Николоски.

Тој додаде дека Владата продолжува да го поддржува Штип преку бројни капитални проекти – од изградба на брана на Отиња и урбанизација околу Кежовица, до подобрување на патната, водоводната и канализационата мрежа. Според него, покрај универзитетски и бизнис центар, Штип има потенцијал да стане и туристички центар во источниот дел на државата.

На шеталиштето се поставени 10-тина штандови со пастрмајлија. Утре, во склоп на манифестацијата, ќе настапи балканската мега ѕвезда Дино Мерлин, заедно со македонските ѕвезди Елена Ристеска и Владо Јаневски. Концертот со почеток од 20:00 часот, утре, ќе се одржи на градскиот стадион во Штип.