
Во Белград во тек е собирот „Не ја даваме Србија“. Централниот дел почна во 19 часот, а подоцна вечерва ќе се обрати и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Тој се огласи пред почетокот на централната манифестација на собирот „Не ја даваме Србија“.
– Фала ти, Србијо – напиша Вучиќ покрај фотографијата од насобраните граѓани пред Народното собрание.
На главната сцена пред Домот на народното собрание од 13 часот настапија неколку музички групи и изведувачи. На втората сцена, на плоштадот Никола Пашиќ, настапија културно-уметнички друштва од цела Србија, а на третата сцена, кај црквата Свети Марко, беше организирана програма за деца.
Граѓаните може да посетат штандови каде можат да се зачленат во новото движење и да одберат негово име, да остават писма за претседателот Александар Вучиќ, да добијат информации за поволните станбени кредити за млади. На штандот на Министерството за туризам и млади и Туристичката организација на Србија, можат да добијат информации за ваучери за одмор во Србија.
Поставени се и штандови со послужување за учесниците на собирот, како и штандови каде се изложени рачни изработки на жени од сите краишта на Србија.
Околу Пионирскиот парк се тракторите со кои во ноќта меѓу петокот и саботата пристигнаа земјоделците кои учествуваат на собирот, а на секој трактор е поставена знамето на Србија.
Тродневниот собир „Не ја даваме Србија“ започна вчера со дефиле на знамињата на Србија и локалните самоуправи.