
Пишува: Салим Кадри Керими
На 13 март 2026 година, на 78-годишна возраст, во Истанбул, почина проф. д-р Илбер Ортајли (İlber Ortaylı), еден од најистакнатите современи турски историчари и интелектуалци, со исклучително широко образование и ретка ерудиција. Тој беше роден на 21 мај 1947 година, во бегалскиот камп Брегенз (Bregenz), Австрија, од каде на двегодишна возраст, заедно со неговите родители се преселиле во Република Турција. Неговите родители – Кемал Ортајли (Kemal Ortaylı) и Шефика Карашај Ортајли (Şefika Karaşay Ortaylı) биле Кримски Татари, кои за да се спасат од прогонот на Јосип В. Сталин завршиле во наведениот Австриски бегалски логор.
Благодарение, меѓу другото, на интелектуалното и културно наследство на наговите родители, тој бил познавач на повеќе јазици – покрај турскиот, тој ги познавал германскиот, рускиот, англсикиот, францускиот, италјанскиот, арапскиот, персискиот, латинскиот и се разбира османско турскиот јазик и писмо. Неговото основно, средно и високо образование ги стекнал во Истанбул, Анкара, Виена и Чикаго. Магистерските студии ги завршил на Универзитетот во Чикаго, под менторство на големиот турски историчар Халил Иналџик (Halil İnalcık), додека докторските студии (во 1978 година) на Универзитетот за политички науки во Анкара, на тема: „Локалната администрација во периодот на танзиматот“.
Од следната – 1979 година, како редовен професор се вработил во истиот Анкарски универзитет, каде што останал сè до 1982 година. Во периодот од 1982 до 1989 година работно бил ангажиран во неколку домашни и странски универзитети, а потоа повторно се вратил во Анкара, каде што ја продолжил неговата долгогодишна професорска кариера. Во периодот од 2005 и сè до неговото пензионирање во 2012 година бил именуван и ја вршел функциата директор на познатиот Музеј Топкапи (Topkapı Müzesi), во Истанбул.
За разлика од другите негови колеги историчари, тој случувањата од историското минато ги предаваше на негов – популарен и за пошироките маси разбирлив начин. Во такво својство, честопати беше гостин на разни радио и телевизиски програми, или пак како водич на студентски групи при посети на важни историски места ширум земјата, каде што се одиграле славни битки, меѓу кои и битката кај Чанакале. Тој, исто така, во својство на говорник честопати беше гостин на разни важни настани во земјата и странство, вклучително и кај нас во Македонија. Покрај научната работа, Илбер Ортајли беше и исклучително влијателна јавна личност. Неговите интервјуа, јавни предавања и телевизиски настапи беа следени од широка публика, а неговите размислувања за историјата, културата и современото општество честопати предизвикуваа голем интерес.
Автор е на голем број трудови – книги и други написи, од кои голем дел се преведени на повеќе јазици, вклучително и на македонски јазик. Како покарактеристични негови трудови во оваа прилика би ги извдвоил следните: Османлиската историја; Историјата на Турците; Руската историја; Османско-Хабзбупшите односи; Германското влијание во Осмалиската империја во 19 век; Патепиството во Османлиската империја; Мустафа Кемал Ататурк; Вистините од поновата историја; и многу други.
За неговиот придонес во областа на образовнието и културата беше добитник на голем број награди, во земјата и странство (Русија, Австрија, Франција, Италија). Неколку години пред неговата смрт, неговата мошне богата библиотека И.Ортајли ја подари на Библиотеката која е сместена во рамките на Претседателската палата, во Анкара. Поради неговите горенаведени и други заслуги, со посебна одлука/ дозвола на претседателот Реџеп Таип Ердоан (Recep Taip Erdoğan), денеска (понеделник 16 март 2026 година), неговите посмртни остатоци ќе биде погребан во гробиштето до Џамијата Фатих (Fatih Camii Haziresi), во Истанбул.
Додека работно бев ангажиран во Амбасадата на Република Македонија во Анкара, пролета 2001 година имав прилика да се запознам со мојот колега историчар, сега веќе покојниот Илбер Ортајли, на ручекот што во моја чест беше приреден од страна на мојата почитувана колешка – дипломат Рејхан Акант (Reyhan Akant), со која се запознав додека двајцата бевме работно ангажирани: таа во Амбасадата на Република Турција, а јас во Амбасадата на Република Македонија, во Тирана, Република Албанија.
Со смртта на Илбер Ортајли завршува една значајна страница од современата турска историографија. Неговото научно дело, богатото публицистичко наследство и влијанието врз генерации студенти и читатели ќе останат трајна вредност. За многумина во Турција и пошироко, Ортајли беше не само историчар, туку и симбол на интелектуалната љубопитност, културната широчина и посветеноста кон историската наука. Нека му е лесна земјата и вечна слава на сега веќе покојниот Илбер Ортајли.

