Skip to main content
Балкан

Почина поранешниот шеф на грчката дипломатија Петрос Моливијатис

04/05/2025  15:42

На 97-годишна возраст почина поранешниот министер за надворешни работи на Грција Петрос Моливијатис, кој важеше за близок соработник на поранешниот премиер и лидер на Нова демократија Константинос Караманлис, а за време на првиот мандат како шеф на дипломатијата во 2004 година го посети Скопје, јави дописничката на МИА од Атина.

MK Summit

Моливијатис три пати беше министер за надворешни работи на Грција, првиот мандат од 2004 до 2006 година во Владата на Нова демократија, а другите два мандати беа куси, во траење од еден месец во службените Влади на земјата во 2012 и 2015 година.

Како шеф на дипломатија, на крајот на октомври 2004 година ја посети земјава и се сретна со тогашната министерка за надворешни работи Илинка Митрева.

Според грчките медиуми, во април 2005 година, Моливијатис и тогашниот премиер Караманлис испратиле шест писма до европските лидери и тогашниот американски претседател Џорџ Буш, во кои предложиле решавање на спорот со името, прифаќање на интеграција на земјата во ЕУ со усвојување на двојно име, без да се направат никакви измени во Уставот, односно името „Република Македонија-Скопје“ да го користи ОН, а уставното име „Република Македонија“ да продолжи да се користи во внатрешноста на земјата.

Во Грција, Моливијатис важеше за искусен и почитуван дипломат.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочи дека „Грција, Нова демократија и сите што го познаваа, со почит се збогуваат со Петрос Моливијатис“, човек која „остави печат во грчката дипломатија со своите активности“.

-Ѝ служеше на својата земја како пратеник, министер и близок соработник на Константинос Караманлис. Сепак, тој исто така му служеше на јавната етика со своето дискретно присуство, воздржан тон и обединувачки дух, посочи Мицотакис во писмената изјава за смртта на Моливијатис.