Skip to main content
Култура, Хроника

Почина писателот Георги Сталев Поповски

05/01/2026  16:28

Во 95-тата година од животот, на 30 декември 2025 година во Скопје почина Георги Сталев Поповски – поет, прозаист, драмски писател, преведувач, научен работник и универзитетски професор, соопшти Друштвото на писателите на Македонија. Поповски, роден на 22 април 1930 година во Витолиште, беше најстариот член на ДПМ и доктор по филолошки науки. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, а во текот на својата богата академска и книжевна кариера бил и долгогодишен уредник на списанието „Современост“.

Член на Друштвото на писателите на Македонија станал во 1956 година, како прв примен член по заслуга во областа на книжевниот превод. За своето творештво е добитник на бројни признанија и награди, меѓу кои двапати наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика, „Златен лавров венец“ за најдобар драмски текст на фестивалот МЕС во Сараево, наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“ за книжевен превод, како и државните награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“. Поповски е и добитник на наградата „13 ноември“ на град Скопје и медал од Фондот „Лермонтов“ во Москва.

Неговото творештво остана актуелно и во последната година од животот – Георги Сталев Поповски беше еден од авторите застапени во збирката раскази „Она што се памети живее“ („Никогаш докрај раскажани приказни“) во издание на ДПМ од 2025 година, со расказот „Доста ми е власт играње“, посветен на споменот на неговиот татко, Стале Попов, еден од најзначајните македонски романописци.