Skip to main content
Хроника

Почина Коста Јаневски, еден од основачите на радиото „Антена 5“

27/10/2025  12:49

По кратко боледување, на 65-годишна возраст почина Коста Јаневски, филмски работник и еден од сопствениците и основачите на радиото „Антена 5“.

Учествуваше во основањето, техничкиот развој и во креирањето на програмата, а ја извршуваше функцијата технички директор во „Антена 5“ од 1994 година. Работеше на техничката и на програмска реализација на сите домашни и меѓународни музички и културни настани пренесувани на програмата на „Антена 5“: Британските музички награди, Европските музички награди Ем-ти-ви (MTV ЕМА), Зимската музичка конференција во Мајами, Викенд „Медија фестивалот“, „Егзит“, „Таксират“, Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и „Д фестивал“ во Дојран.

Пред основањето на „Антена 5“, беше дел од програмата Радио Микс на Радио УНО и проектот „Радиотоп-листа на Македонија“.

Дипломира на Електротехничкиот факултет. Својата кариера како филмски работник ја почнува во осумдесеттите години како монтажер на тон и тон снимател. Во 1985 година работеше како слободен филмски работник во Друштвото на филмските работници на Македонија, а од наредната година работи во продуцентската куќа „Вардар филм“. Во текот на својата кариера учествуваше во реализација на филмски проекти од домашна продукција и од странски копродукции, голем број играни, документарни, краткометражни и долгометражни филмови, како „Македонска сага“, „Среќна Нова ‘49“, „Тетовирање“ и многу други.

Беше член на Друштвото на филмските работници на Македонија и член на Здружението на тонските сниматели на Македонија.

Погребот ќе биде во вторник во 11.30 на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.