Skip to main content
Спорт

Почина Ѓорѓи Божиноски, еден од основачите и спортски директор на КК Гостивар

14/03/2026  15:17

Кошаркарскиот клуб Гостивар со длабока тага ја соопшти веста за смртта на Ѓорѓи Божиноски, спортски директор и еден од основачите на клубот.

Од клубот истакнаа дека Божиноски оставил длабока и трајна трага не само во спортот, туку и во целата заедница. Неговата посветеност, визија и искрена љубов кон КК Гостивар биле вградени во темелите на клубот и во неговиот развој низ годините.

„Неговиот труд, енергија и поддршка ќе останат засекогаш дел од историјата на клубот“, наведуваат од КК Гостивар.

Покрај ангажманот во спортот, Божиноски бил познат и како долгогодишен директор во ЕСМ Гостивар, каде, како што посочуваат, со својата професионалност и работа придонел за развојот на институцијата и за доброто на градот.

Од клубот велат дека ќе го паметат како човек со големо срце, искрен пријател и вистински спортски работник.

Во овие тешки моменти, од КК Гостивар упатија искрено сочувство до неговото семејство, роднините, пријателите и сите што го познавале.