Skip to main content
Филм

Почина Џоан Плорајт, една од најценетите британски актерки

17/01/2025  14:57

Една од најпочитуваните британски актерки, Џоан Плорајт, почина на 95-годишна возраст. Таа беше истакната личност на сцената и на екранот и вдовица на легендарниот Сер Лоренс Оливие. Почина синоќа, по долго и тешко боледување.

Родена е на 28 октомври 1929 година во Бриг, Англија, а нејзината кариера во театарот, филмот и телевизијата траеше повеќе од 60 години.

Актерката беше добитничка на два Златни глобуса и награда Тони, а беше особено позната како една од двете актерки кои освоија два Златни глобуса во истата година. Таа исто така беше номинирана за Оскар во категоријата за најдобра споредна женска улога за нејзината улога во филмот „Волшебен април“ од 1991 година, а беше и номинирана за Еми и БАФТА.

Џоан Плорајт беше во брак со еден од најголемите актери на 20 век, Лоренс Оливие, по неговиот развод со Вивиен Ли. Тие се запознале во 1961 година, кога заедно глумеле во „The Entertainer“ филм во режија на Тони Ричардсон.

Во тој филм Оливие го играше ликот на Арчи, забавувач кој има проблеми во личниот живот, а Плорајт ја играше улогата на неговата ќерка, Жан.

Откако му стана сопруга на Оливие, Џоан Плорајт стана главен драматург во Националниот театар, кој Оливие го основа. Во 1978 година, таа ја освои наградата Лоренс Оливие за актерка на годината за нејзината улога како Филумена во претставата Филумена Мартурано.

За време на нејзината кариера играше во многу престижни театри, меѓу кои и Old Vic, Royal Court, Theatre Royal и the Globe, а нејзините улоги во класиците на Шекспир, Чехов и Едвард Олби се сметаат за ремек-дела, пишува Би-би-си.

Џоан Плорајт зад себе остави речиси четириесет филмски улоги и бројни телевизиски настапи. Кралицата Елизабета Втора ѝ ја додели титулата „Дама“ во 2004 година за нејзиниот придонес во театарот и во филмот.

Последен пат таа настапи во 2014 година, пред да го загуби видот и да се повлече од сцената.