
Нова сообраќајна несреќа денеска повторно се случи на улицата Партизански одреди во Скопје при што две деца се тешко повредени, а возачот на 26 години е уапсен и кривично ќе биде гонет.
Граѓаните на социјалните мрежи повторно апелираат дека е потребна поголема полициска присутност на оваа улица затоа што како што велат повторно се вози со 200 на час. Тие дури самите се пријавуваат доколку е потребно да “чуваат стража”, затоа што како што велат откако спласнаа коментарите по убиството на Фросина, полицијата повторно ја снема од улиците.
“Живеам до Партизанска. Хорор улица. По смртта на Фросина, имаше полиција точно 3 дена. Колку за циркус. Ги нема повеќе. Секоја вечер има трки, и тоа од млади возачи. Често меѓу група на девојчиња со група момчиња. За моторите муабет не правам повеќе. Се вози, особено после 12 ноќе, и повеќе од 200 на саат. Ќе се најде ли конечно решение, а има и тоа неколку, или да се навикнеме на трагедииве, да ни гинат деца?! Што ви е бе луѓе? Дајте, ако нема доволно вработени во полиција, еве јас се пријавувам втора смена. Озбилна сум.”, напиша една скопјанка на Фејсбук.