
Имаше време кога зборот „промена“ будеше надеж. Кога скопјани, вклучително и граѓаните на Карпош, сакаа нешто ново – искрено, енергично, надвор од старите политички калкулации. Така на сцена стапи Данела Арсовска – ветувајќи ново Скопје, транспарентност и независност. Денес, таа надеж е закопана под товарот на скандали, конфликтност и неисполнети ветувања.

Во Карпош, истата грешка се повторува. ВМРО-ДПМНЕ го предлага Сотир Лукровски како кандидат за градоначалник. Повторно експеримент. Повторно авантура. Повторно човек без административно, урбано или локално искуство. Ниту план, ниту тим, ниту релевантна програма. Повторно заблуда обвиткана во политички маркетинг.
Карпош не е експериментална зона. Таа е зрела урбана средина со свои стандарди, свој развоен тек и свој глас. Карпош сака стабилност – не конфронтација. Програма – не флоскули. Лидер – не спин.
Во последните години, Карпош бележеше тивок, но видлив напредок: реновирани училишта, нови сали, уредени паркови, подобрена инфраструктура. Тоа не се случува со идеолошки гесла – туку со работа на терен. Лукровски, напротив, доаѓа со агресивна реторика, без никаква локална поддршка или видлив ангажман во заедницата.
Јавноста го познава по активности поврзани со егејското прашање и како претседател на здружението „В’мбел Егеј“. Наместо искуство во локална самоуправа, неговиот „проект“ е отворање на „Беломорски клуб“, платформа која повеќе создава поделби отколку што нуди решенија. Дури и грчките власти го прогласија за непожелна личност – што само го сведочи неговиот потенцијал за конфликти, не за соработка.
Граѓаните на Карпош не сакаат политички паради – сакаат вода, отпад да се собира на време, училишта да функционираат, улици да се осветлат, младите да останат. Лукровски не зборува за ништо од тоа. Тој зборува за „нација“, „преродба“, „идентитет“ – теми кои не ги решаваат проблемите на локално ниво.
И што е најзагрижувачки – Лукровски не е присутен во Карпош. Не е дел од месните заедници, не е лице што граѓаните го сретнуваат, не е глас кој зборува за проблемите со урбаната мафија, со сообраќајниот хаос или загадувањето. А токму тоа е суштината на локалната политика.
Мицкоски, со предлогот на Лукровски, ја повторува истата грешка од пред неколку години – но овојпат без ни привид на модерност или компетентност.
Од Данела до Лукровски – од измешан маркетинг до суров експеримент.
А Карпош не може да си дозволи уште едно промашување.