Skip to main content
Македонија

По повеќе од четири часа прекин, „Евзони“ повторно е отворен за сообраќај

13/12/2025  18:16

Од 15:45 часот повторно е отворен за сообраќај граничниот премин „Богородица“ од македонска страна, односно граничен премин „Евзони“ од грчка страна, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

Граничниот премин „Евзони“ денеска беше затворен за сообраќај од 11 часот поради протест на грчките земјоделци.

Пред „Евзони“ се паркирани над 300 трактори, а периодичните блокади траат речиси две недели.

Протестите на земјоделците, кои започнаа на 30 ноември, се проширија низ цела Грција, каде што изминатите денови беа поставени над 50 блокади на автопатишта и локални патишта, што значително го отежнуваа сообраќајот.

Блокади имаше и на други гранични премини „Ники“ („Меџитлија“) кон Северна Македонија, каде што секојдневно се одлучуваше за времетраењето на прекинот, на „Промахноас“ и „Орменио“ кон Бугарија и на „Кипи“ кон Турција.

Земјоделците протестираат поради зголемени трошоци за производство, ниски откупни цени за нивните производи, скандалот поврзан со европските земјоделски субвенции, а бараат и исплата на заостанати субвенции.

Од АМСМ велат дека на останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Сообраќајот на државните патишта, според АМСМ, се одвива непречено, по претежно суви коловози, а интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен.

Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата.

Посебна претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите поради можност од појава на одрони.

Ова посебно се однесува за следните делници Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.