Skip to main content
Хроника

По операција од кила полицијата не може да го најде Ремзи Мифтари, осуден на 10 години затвор за автобуската несреќа кај Ласкарци

22/11/2025  19:18

Осудениот за трагедијата кај Ласкарци, Ремзи Мифтари, четврти ден е недостапен за полицијата, иако има правосилна 10-годишна затворска казна и наредба за присилно спроведување во затворот „Идризово“.

Од СВР Тетово потврдуваат дека уште пред четири дена ја добиле наредбата од гостиварскиот суд, но Мифтари не бил пронајден ниту дома, ниту на други локации за кои имале сознанија. Во тек се активности за негово лоцирање, но засега – без успех.

Мифтари претходно ја избегнуваше казната со лекарско уверение за операција на кила на тестисите, со што успеа да добие одлагање. Но уверението истече, а тој ниту се појави доброволно во затвор ниту може да биде најден.

Судот претходно му испратил покана за јавување на издржување на казната, а откако не се појавил во законскиот рок, затворот го известил судот и започната е постапка за присилно приведување. Паралелно, до граничната полиција е доставена забрана за негово легално излегување од државата.

Според информациите, на ниту еден граничен премин не е регистриран излез на Мифтари, што упатува на тоа дека се крие во земјата.

Мифтари, одговорен за превозот во компанијата „Дурмо турс“, заедно со сопственикот Дурмиш Белули, беше осуден на по 10 години затвор за несреќата кај Ласкарци, кога неисправен автобус полн со патници излета од патот. Во оваа трагедија загинаа 16 лица, а околу 30 беа повредени, дел со трајни последици.