Skip to main content
Балкан

По Груби, фудбал се игра и во кабинетот на бугарскиот премиер

25/02/2026  14:55

Владата на Бугарија денеска официјално соопшти дека фудбалската легенда Димитар Бербатов е назначен за советник на техничкиот премиер Андреј Ѓуров за прашања поврзани со младите и спортот.

Во објавата на бугарската влада на социјалните мрежи беше споделен и серијал фотографии на кои се гледа како Ѓуров и Бербатов во релаксирана атмосфера играат со фудбалска топка во владин кабинет, симболично одбележувајќи ја почетокот на нивната соработка.

Според владината информација, Бербатов ќе ги поддржува активностите на премиерот и институциите во развојот и спроведувањето политики поврзани со спортот, активниот начин на живот и унапредувањето на младите во Бугарија.

Во изјава пренесена од кабинетот на техничкиот премиер, поранешниот напаѓач на Манчестер Јунајтед и еден од најуспешните бугарски фудбалери истакна дека функцијата ќе ја извршува без финансиски надомест.

„Со чувство на одговорност за развојот на спортот во Бугарија ја прифаќам оваа улога без надомест, воден од желбата моето искуство и енергија да придонесат за долгорочни политики во оваа област“, изјави Бербатов.

Иако назначувањето нема политичка поврзаност со односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, фотографиите објавени од бугарската влада кај дел од јавноста предизвикаа асоцијации на настан од 2023 година, кога тогашниот прв вицепремиер Артан Груби на својот фејсбук-профил објави фотографии од канцеларијата во Министерството за политички систем, каде заедно со министри од ДУИ играа со фудбалска топка и реквизити поставени во просториите.

Тие фотографии во тој период предизвикаа бројни реакции во јавноста, а споредбите повторно се актуелизираа деновиве, особено по враќањето на Груби во фокусот на јавноста по неговото предавање на органите на прогонот по повеќе од една година бегство.

На фотографиите од Софија, пак, акцентот е ставен на неформалната атмосфера и симболиката на спортот како дел од новата соработка меѓу премиерот и неговиот советник, додека Бербатов демонстрира дел од своите фудбалски вештини, жонглирајќи со топката и објаснувајќи техники пред камерите.