Skip to main content
Балкан

По 30 години во Хрватска потврден случај на лепра кај странски работник

14/12/2025  11:57

Во Хрватска е потврден изолиран случај на лепра, хронична заразна болест, соопштија надлежните здравствени служби.

Станува збор за странски работник, а надлежните уверуваат дека ситуацијата е под контрола и дека нема причина за паника. Последниот случај на лепра во Хрватска беше регистриран во 1993 година.

Пациентот со симптоми на лепра се пријавил кај епидемиолозите во Сплит пред десетина дена. Случајот го потврди и раководителот на Службата за епидемиологија на заразни болести при Хрватскиот завод за јавно здравство (ХЗЈЗ), Бернард Каиќ.

– За ова не се зборуваше ниту пишуваше, бидејќи беше откриено навреме. Човекот се лекува, неговите блиски контакти добија пост-експозициска терапија, тие дури и не се заразени. Се дава профилактика и се следи состојбата, а ситуацијата е под контрола, изјави Каиќ.

Од Министерството за здравство појаснија дека станува збор за странски работник од Непал, кој веќе две години живее со семејството во Хрватска.

Лепрата се пренесува главно по пат на капки, со кашлање или кивање, а за зараза е потребен долготраен контакт со заболениот.

Случај и во Романија

Во Романија е потврден првиот случај на лепра по повеќе од четириесет години, додека уште три лица се под сомнеж за зараза. Станува збор за четири жени од азиско потекло вработени како масерки во спа-центар во Клуж-Напока.

Здравствените власти во Романија веднаш реагираа со затворање на спа-центарот и спроведување на целосна дезинфекција и епидемиолошка истрага. Пациентката со потврдена дијагноза веднаш започна со лекување според препораките на СЗО. Последниот случај на лепра во Романија беше регистриран во 1981 година.

Лепрата, позната и како Хансенова болест, е хронична заразна болест предизвикана од бактеријата Mycobacterium leprae.

Најчесто ги зафаќа кожата и периферните нерви, а доколку не се лекува, може да доведе до трајно оштетување. Иако со векови беше синоним за стигма и изолација, денес лепрата успешно се лекува со комбинација на антибиотици и се смета за излечива болест.