Skip to main content
Скопје

По 2.500 денари ќе добијат 1.388 пензионери со пензии под 22 илјади денари

01/07/2025  19:38

На сметките на 1.388 пензионери што се приматели на старосна, инвалидска, семејна или на социјална пензија и се жители на Општина Кисела Вода, денеска ќе легнат по 2.500 денари. Станува збор за финансиска помош од Општината што дополнително го покрива персоналниот данок, кој не е пресметан во овие средства.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски рече дека со оваа мерка, финансиска помош добиваат пензионерите чии примања не надминуваат 22.640 денари. Тој истакна дека ова е прва тура од исплатата, додека во втората, во текот на следните денови, повеќе од 1.800 пензионери ќе ја добијат ветената еднократна финансиска помош.

Станува збор за над 3.200 пензионери што добиваат финансиска поддршка.

– Оваа мерка е уште еден чекор во нашата континуирана грижа за повозрасните жители, за нашите родители, баби и дедовци, со која покажуваме дека не се заборавени. Сето ова е резултат на нашата посветеност да создадеме општество во кое секој пензионер ќе има подобар квалитет на животот – нагласи Ѓорѓиевски.

Финансиска помош за пензионерите ќе додели и Општина Бутел. Оттаму ги известија пензионерите дека е продолжен рокот за пријавување на јавниот повик за нивна финансиска поддршка до 13 јули.

Право на финансиска поддршка ќе остварат граѓани што имаат постојано живеалиште на територијата на Општина Бутел, приматели на старосна, семејна или на инвалидска пензија чиј износ не е повисок од 21.909 денари.

Потребната документација може да се достави секој работен ден во просториите на Општина Бутел, од 9:00 до 15:00 часот.

Исплатата ќе биде на принципот „прв дојден – прв услужен“.