
Курдската работничка партија (ПКК), која е прогласена за терористичка организација во Турција, ЕУ и САД, објави дека се распушта, со што се става крај на вооружената борба против турските власти, јави ТРТ Хабер.
Според официјалното соопштение на ПКК, на 12-тиот конгрес на организацијата, одржан од 5 до 7 мај, е донесена конечна одлука за распуштање. „Вооружената борба заврши, оружјето е оставено“, се наведува во одлуката на конгресот.
ПКК е вооружена група формирана од Абдула Оџалан во 1978 година во Југоисточна Турција. Идеологијата на групата се базира на марксистичко-ленинистички идеи. Непосредно по воениот удар во Турција во 1980 година, Оџалан побегнал во соседна Сирија. Четири години подоцна, тој започнал вооружена борба против Анкара.
Подоцна, Дамаск ја прекинал поддршката за Оџалан поради закана од војна со Турција во 1998 година. Сириските власти ги затвориле камповите на ПКК и го протерале лидерот на движењето. Оџалан е уапсен во главниот град на Кенија, Најроби, на почетокот на 1999 година и екстрадиран во Турција, каде што е осуден на смрт за велепредавство и тероризам. Подоцна казната му е заменета со доживотен затвор, и тој е затворен на островот Имрали во Мраморното Море, каде што поголемиот дел од времето е во изолација.
Во октомври минатата година, лидерот на Партијата на националистичката акција (ПНА) и главен политички сојузник на претседателот Реџеп Тајип Ердоган, Девлет Бахчели, ја шокираше Анкара со навестување дека Оџалан би можел да биде ослободен, под услов да прогласи крај на вооружената борба на својата организација. Владејачката Партија на правдата и развојот (ППР) на Ердоган ја поддржа иницијативата, по што Прокурдската партија ДЕМ (Партија за еднаквост и демократија на народите) , која се залага за поголеми права и автономија на Курдите, одржа разговори со Оџалан во затворот на островот Имрали.
По средбите меѓу претставниците на ДЕМ и Оџалан, на 27 февруари курдскиот бунтовнички лидер упати историски повик за распуштање на ПКК и ставање крај на вооружената борба, во која од 1984 година досега загинале десетици илјади луѓе.