Skip to main content
Македонија

Пикот на сезонскиот грип ќе биде во наредните две до три недели, изјави Алиу

05/01/2026  14:46

Пикот на сезонскиот грип ќе биде во наредните две до три недели. Секоја година во овој период имаме зголемување на бројот на пациенти со грип кои бараат здравствени услуги, изјави денеска министерот за здравство Азир Алиу.

Во моментов, појасни тој, нема зголемен број заболени од грип за да се каже дека тој е алармантен споредено со претходните години.

– Се уште не сме во тој пик на сезонскиот грип за да правиме соодветна компарација меѓу оваа и претходната година. Задоволство ми е да информирам дека оваа година првпат 77.000 граѓани веќе се вакцинираа против грип. Тоа е најдобриот пристап за да се креираат услови за да може телото да биде заштитено од сезонскиот грип, посочи Алиу.

Потенцира дека останале уште 3.000 вакцини против грип.

– Граѓаните за вакцинација не треба да се пријават во системот за вакцинација, туку можат директно да одат во здравствените институции да се вакцинираат. Ова е единствениот начин како ние можеме да ги заштитиме нашите граѓани особено популацијата која е во тој кластер на сензитивност – постари лица, бремени жени, здравствени работници, додаде Алиу, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата по повод кампањата за подигнување на свесноста за опасностите од употребата на пиротехнички средства.