Skip to main content
Македонија

Пијан и без возачка дозвола со 91 km/h ја усмрти Фросина – обвинителството бара максимална казна

28/03/2025  15:15

По целосно спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Во рок од два месеци по трагичниот настан, јавниот обвинител ги прибра сите релевантни докази и вештачења, кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова тешко кривично дело, за кое е предвидена максимална казна затвор до 20 години.

Според обвинението, на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, обвинетиот, кој воопшто не поседувал возачка дозвола, управувал патничко возило „Пежо 207“, сопственост на неговиот татко.

Тој не се придржувал кон сообраќајните прописи, свесно го довел во опасност животот на луѓето, управувајќи го автомобилот под дејство на алкохол со 0.80 промили алкохол во крвта и со брзина од 91 km/h – речиси двојно повеќе од дозволената.

Кога пристигнал пред обележаниот пешачки премин на крстосницата меѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „29-ти Ноември“, тој не запрел на црвено светло, туку продолжил со движење. Со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот Фросина Кулакова, која во тој момент минувала на зелено светло за пешаци.

Силниот удар ја издигнал оштетената во воздух, по што таа удрила во семафор поставен на разделното пешачко стојалиште. Од здобиените тешки повреди, Кулакова починала на самото место.

Обвинителството истакнува дека постојат околности што оправдуваат страв од бегство на обвинетиот, како и можноста за повторување на кривичното дело. Имајќи ја предвид сериозноста на случајот, возраста на обвинетиот и останатите факти, јавниот обвинител побара од судот да ја продолжи мерката притвор.