Skip to main content
Македонија

Петрушевски: Јавното обвинителство да не се осмелува да го штити Филипче и да отвори истрага за него за Модуларната во Тетово

05/06/2025  15:43

Пет дена презентираме сознанија за вистината за Модуларната болница, кои до нас дојдоа од свиркачи, а според информациите кои ние ги поседуваме истите ги поседува и ЈО. Провизии кои чинат животи е афера која до срж го открива Венко Филипче и неговата вина за пожарот во Модуларната болница, изјави денеска пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.

Деновиве презентиравме неколку сознанија и тоа:

1. Венко Филипче дозволил изградба на модуларни болници без огноотпорни материјали.

2. Венко Филипче лично ја правел спецификацијата за изградба на Модуларната болница во Тетово, која надвор од закон и правила ја доставил до одговорната за набавката, а за ова постои и сведоштво од одговорното лице.

3. Директорот на Болницата во Тетово одбивал да ја прими Модуларната болница и да се пушти во работа истата.

4. Венко Филипче ден по несреќата кога цела Македонија тагувала, побрзал да го анексира договорот за градба со цел да се отстранат аномалиите кои сам ги дозволил.

5. Анексот кој експресно го спремил е зголемување за 20% на цената на чинење на проектот. Сомнително е како Филипче ден по несреќата наместо да мисли за одговорност мислел како да извлече 20% повеќе.

6. Вработени во Министерството за здравство по заминувањето на Венко Филипче одбивале да ги потпишат документите за штетните договори и анекси.

Го повикуваме ЈО, да не се осмелува да го штити Венко Филипче и да отвори истрага за него.

Аферата „Провизии кои чинат животи” не смее да остане заташкана, порача Петрушевски.