Skip to main content
Македонија

Петровска: Време е СДСМ да ја врати моќта кај членството

24/01/2026  20:00

Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, преку објава на Фејсбук се огласи по одржувањето на 31. Конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, испраќајќи јасни пораки за потребата од промени и внатрепартиска демократизација.

„Не беше лесно да се зборува по два тешки изборни порази. Но тоа е обврска на секој социјалдемократ. Последниот изборен пораз е и резултат на отсуството на вистински дискусии за резултатите од 2024, 2021 и 2020 година“, напиша Петровска.

Таа предупреди дека партијата не смее да ја повтори истата грешка, нагласувајќи дека социјалдемократијата е жива, но без промени СДСМ ризикува маргинализација, па дури и исчезнување од политичката сцена.

Петровска информираше дека предложила статутарни измени со кои претседателите на општинските организации ќе се избираат директно од членството, наместо да бидат назначувани од претседателот на партијата, со што, како што вели, се враќа моќта на одлучување кај базата.

Дополнително, таа порача дека критичката мисла е суштинска одлика на социјалдемократијата и мора да опстои, но предложи и спроведување на политички ветинг за сите носители на функции и членови на раководството, за да се спречат идни внатрешни конфликти и „непристојни објави едни против други“.

„Со добра стратегија и дејствување, секој проблем станува предизвик, а секој предизвик победа“, порача Петровска.