
Соопштение за јавност на СДСМ:
Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, во рамките на седницата на Парламентот посветена на пратенички прашања, до министерот за транспорт Александар Николоски упати прашање дали наредил или спровел надзор во врска со законитоста на работењето на општина Чаир во областа на урбанистичкото планирање, изведувањето на градби, бесправно изградените објекти, комуналните работи и домувањето.
Во продолжение интегрален текст на прашањето:
„На интернет страницата на Министерството, е објавен документ насловен како Нацрт Стратешки план 2025-2027, кое започнува со Ваше обраќање во кое велите дека Министерството за транспорт игра витална улога во подобрувањето на животниот стандард на нашите граѓани.
Велите и дека имате план за детално утврдување на актуелната состојба, но и известување за реализираните активности во изминатиот период согласно надлежностите на министерството.
И се разбира, попатно, ја потенцирате и проформа вашата заложба за стабилна интеграција во Европската Унија.
Во истиот тој документ е наведено дека, во рамките на министерството постои еден сектор за управно – надзорни работи, кој ги врши работите кои се однесуваат на решавање по жалби и поднесоци на физички и правни лица од областа на изведувањето на градби, утврдувањето правен статус на бесправно изградените објекти, градежното земјиште итн, како и врши надзор над законитоста на работата на органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје при остварување на нивните надлежности, кои се наброени.
Моето прашање е токму во врска со ова што сега пред малку го кажав.
Веќе подолг временски период јавноста е сведок на објавите на сегашната градоначалничка на Скопје, вашиот кандидат, вашата најдобра менаџерка и.т.н, да не потсетувам што се зборувавте за неа, која презентира сериозни, така изгледаат, обвинувања за епски криминал, што би рекле вие, па дури и за кривични дела кои не се поврзани само со економски криминал, туку веќе имаат и елементи на загрозување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и тие, во најгиолемиот дел, се однесуваат на незаконски постапувања од градоначалникот на општина Чаир, кој е ваш коалиционен партнер.
И бидејќи во ушите ни одѕвонува она: и брат да ми е, ќе одговара и нема веќе од партија се јавија и итн, ве прашувам, дали се помрднавте малку во врска со овие обвинувања? Или не Ви е брат, ама коалиционен партнер ви е. Дали проверивте што се случува во таа општина. Дали ја спроведивте вашата законска должност, надлежност за надзор, она за што сте платен од граѓаните?
Она што го претходно прочитав, а го цитирав исклучиво од документот што го споменав се однесува на ваши ветувања, ваши писмени изјави, обраќања во кој самиот кажувате дека детално ќе ја утврдите актуелната состојба и ќе известите за реализираните активности во изминатиот период.
И затоа моето директно прашање до Вас е: Дали наредивте или спроведовте надзор над законитоста на работата на општина Чаир, во врска со урбанистичкото планирање, изведувањето на градби, бесправно изградените објекти, комуналните работи и домување.”