
Во здравствените установи во земјава се лекуваат 16 пациенти кои беа повредени во пожарот во кочанската дискотека, сите се во добра здравствена состојба. Во клиниките во странство пак има 89, во потешка состојба се четворица, подобрување на состојбата има кај двајца од нив кои се лекуваат во Солун.
„Кај нас се извршени неколку операции со трансплантација на кожа во градската болница и на пластична хирургија, за пациентите кои се наоѓаат во странство во зависност од здравствената состојба и тријажата кога ќе дојдат на конзилијарен преглед ќе видиме дали ќе треба да се направат нови операции или рехабилитација“, изјави д-р Игор Мерџановски, Клиника за трауматологија за МРТВ.
Два месеци пред да се случи несреќата во Кочани, лекарите имале симулациска вежба со слично сценарио, кое, како што вели доктор Мерџановски, им помогнало, затоа што се обновила координацијата меѓу институциите за спасување цивили во кризни ситуации. При транспортот на пациенти учествувале Итната медицинска помош и хеликоптерите на МВР.
Сценариото беше Ласкарци, имаше пожар, имаше изгорени и повредени пациенти. Најважно ни беше што на таа вежба ги формиравме системите и кризните штабови, кога се случи трагедијата во Кочани ние веќе имавме кризни штабови кои беа оформени и поврзани меѓу себе“, изјави д-р Мерџановски.