Skip to main content
Балкан

Песков: Србија може сама да се справи со протестите, не е побарана помош од Русија

29/01/2025  12:22

За тоа дали Србија побарала помош од Русија за решавање на проблемите поврзани со актуелните протести, на денешниот брифинг за медиумите зборуваше и Дмитриј Песков, прес-секретар на рускиот претседател Владимир Путин.

Интерфакс пренесува дека српските власти не се обратиле до Русија во врска со протестите во земјата.

„Русија сака Србија да ги реши сите проблеми што е можно поскоро“, рече Песков.

„Не, српските власти не ни се пожалија. Српското раководство е во состојба самостојно да се справи со сите проблеми“, рече тој на брифинг, одговарајќи на новинарско прашање дали српските власти се обратиле до Москва за поддршка, пренесува Данас.

„Србија ни е драга земја. Поврзани сме со заеднички историски корени, го цениме нашето пријателство, нашата интеракција“, продолжи тој.

Додаде дека интеракцијата меѓу двете земји ќе продолжи и во иднина.

„Им посакуваме на нашите браќа од Србија што поскоро да ги решат сите проблеми и да се вратат на мирен, систематски развој“, заклучи Песков.