
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во интервју за „Фајненшл тајмс“ истакна дека преговорите за Украина се на пауза бидејќи САД имаат други приоритети поврзани со конфликтот на Блиски Исток.
– Во преговорите навистина има пауза. Американците имаат други приоритети и тоа е разбирливо, изјави Песков.
Тој оцени дека европските држави прават грешка со тоа што го охрабруваат Киев да продолжи со воените дејствија против Москва.
– За жал, Европејците ги насочуваат сите свои напори да ги убедат Украинците да ја продолжат војната. Убедени сме дека Европејците прават грешка од гледна точка на сопствената иднина, наведе Песков.
Тој нагласи дека Русија постигнува успеси на бојното поле, но оти е отворена за дипломатско решение.
– Динамиката на фронтот е позитивна за нас. Ние напредуваме и се приближуваме кон остварување на нашите цели. Но, како што рече претседателот Путин, ние сме отворени за дипломатско решение, посочи Песков.
Тој додаде дека, според Москва, европските земји во моментот не покажуваат доволна подготвеност да придонесат кон мировниот процес.

