Skip to main content
Македонија

Пешевски: Повисоки плати не се 500 евра плата, туку 500 евра минимална плата

25/04/2025  13:28

Потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија за приватен сектор, Иван Пешевски, ја истакна потребата од подобрување на работничките права во приватниот сектор и ги повика работниците да се приклучат на Првомајскиот протест. Клучните барања на синдикатот се повисоки плати, безбедни услови за работа и почитување на законските права.

Приватниот сектор во Македонија е главен двигател за економската состојба на државата. Приватниот сектор е нешто што мора веднаш да се подобри со квалификуван кадар и млади луѓе. Но, за овие две работи потребни се достоинствени односно безбедни услови за работа и повисоки плати. Повисоки плати не се 500 евра плата туку 500 евра минимална плата која ќе се множи со коефициентот на сложеност за да платите во овој сектор надминат 50 и 60.000 денари. Онолку колку што минимум треба да земаат вработените во приватниот сектор особено вработените во трудо-интензивните дејности, рече тој.

Нивното барање, како што дополни, се однесува на сите работодавачи од приватниот сектор.

-Особено оние кои пред некој ден се изјаснија дека недостасува кадар во државата. Уште повеќе ќе недостасува доколку не зголемите плата. Со сета почит кон одредени работодавачи исто од приватниот сектор кој почитуваат и Закон и колективен договор па овие проблеми се одамна надминати но тоа е сосема мал процент од вкупниот број вработени, дополни Пешевски.

Потсети дека ССМ активно работи на правна заштита на работниците, и информираше дека во текот на 2024 година, бесплатна правна помош и заштита добиле над 12.000 работници.

Тој потенцираше дека синдикатот се соочува со притисоци и напади врз своите членови.

Во меѓувреме, додека се разгледува барањето на ССМ за бројот на членови и репрезентативност на ниво на држава, пријавени се повеќе напади кон членовите на гранките во ССМ и притисоци за отчленување и фаворизирање на друг синдикат кој нажалост не бара зголемување на плати па се сомневаме дека затоа е омилен и на владата. Нашиот апел е да не се наседнува на ваков тип притисок и членовите самоволно и доброволно веќе оддамна се определиле во кој синдикат ќе членуваат, порача Пешевски.

Протестот е закажан за 11 часот пред Собранието на Македонија, а ССМ повикува Владата и работодавачите да преземат одговорност за моменталната состојба и да овозможат итно зголемување на платите во приватниот сектор.