Skip to main content
Македонија

Перински во Радовиш: Инвестираме во објект кој ќе ја обедини културата и традицијата

24/03/2025  13:25


Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети на општините „Каде што срцето е дома”. Денеска, министерот Златко Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков и заменикот за локална самоуправа, Ерџан Селими, беа во Општина Радовиш каде започна обновата и адаптацијата на старата Стоковна куќа во мултифункционален културен центар. Овој проект, ќе се реализира фазно, а првата фаза ќе се изведе со средства од државниот буџет одобрени на првиот јавен повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Општина Радовиш веќе поднесе апликативен формулар за втората фаза на проектот, која би требало да биде реализирана со средства од вториот јавен повик.

Владините претставници заедно со градоначалникот Ацо Ристов ја посетија старата Стоковна куќа, каде теренот веќе е подготвен за предвидените градежни работи. Градоначалникот Ристов истакна дека овој објект за радовишани ќе значи многу, во него ќе се одвиваат сите настани од културата, образованието, ќе има содржини за едукација.

„Радовиш немаше ваков центар во кој граѓаните ќе можат да ги остваруваат своите потреби во делот на едукација, образование, култура, информации и многу други содржини кои ќе ги имаа во објектот, а кој ќе биде наменет за сите од 6 до 66, па и понатаму. Објектот ќе биде самоодржлив, затоа што ќе има такви содржини кои ќе го овозможат тоа”, изјави градоначалник Ристов кој изрази благодарност до Владата за дадената поддршка во реализација на проектот.

Министерот Перински изрази благодарност за проактивноста на градоначалникот и неговиот тим за подготовка на проектната документација и изрази надеж дека со исто, но и засилено темпо ќе продолжат во таа насока, а Владата ќе продолжи со поддршката за сите локални самоуправи.

„Денеска сме во Радовиш да го одбележиме отпочнувањето на градежните активности за реконструкција на старата Стоковна куќа, објект кој повеќе од 30 години беше симбол на еден транзициски и тежок период за целата држава. Согласно средствата кои самата Општина ги доби од првиот јавен повик за првата фаза и се надевам од вториот јавен повик за втората фаза, општина Радовиш ќе добие еден репрезентативен и прекрасен објект во срцето на самата општина на општо задоволство на сите граѓани”, истакна Перински.

Изградбата на објектот, според министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, значително ќе придонесе и за развој на туризмот.

„Како Влада многу инвестираме во Радовиш и ќе продолжиме да инвестираме, продолжуваме да градиме, затоа што тоа е она коешто претставува наша инспирација и заедничка цел. Македонија мора да се гради. Јас знам дека граѓаните имаат лоши спомени од минатото, чувствуваат гнев, затоа што наместо да се гради, Македонија се крадеше. Но, сега имаме поинаква Влада, со поинаква амбиција и во таа насока продолжуваме да функционираме”, порача премиерот Мицкоски.