Skip to main content
Свет

Пекинг и Техеран упатија повик до светските сили да не го претвораат Блискиот Исток во жртва на геополитички натпревар

28/12/2024  14:57

Кина и Иран денеска ги повикаа големите светски сили да не го претвораат Блискиот Исток во „жртва на геополитички натпревар“, а повикот беше упатен при првата посета на шефот на иранската дипломатија Абас Арагши на Пекинг.

За време на средбата, Арагши и неговиот кинески колега Ванг Ји се согласија дека „меѓународната заедница треба да ги почитува суверенитетот, безбедноста, стабилноста, единството и територијалниот интегритет на земјите од Блискиот Исток“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Тие оценија дека Блискиот Исток не е „бојно поле за големите сили и не треба да биде жртва на геополитички натпревар и конфликт меѓу земјите надвор од регионот“, се додава во соопштението.

Во посебен осврт на Сирија, двајцата функционери, чии земји го поддржаа соборениот претседател Башар ал-Асад, повикаа на работа на „борбата против тероризмот, за помирување и хуманитарни процеси“.

Кина е најголемиот трговски партнер на Иран и еден од најголемите купувачи на иранска нафта.

Кога станува збор за иранската нуклеарна програма, Пекинг цврсто го поддржува Иран во заштитата на неговите „легитимни права и интереси“, соопшти кинеското Министерство по денешната средба меѓу претставниците на двете земји.