
Патник во авион на шпанска компанија предизвикал паника на летот од Мадрид до Каракас кога се обидел да ја отвори вратата додека авионот бил над Атлантикот, јавуваат медиумите.
Според очевидци, патникот ненадејно скокнал од своето место и се упатил кон излезот, фаќајќи се за рачката од вратата на авионот, пишува „Дејли Мејл“.
Шокираните патници почнале да врескаат, а персоналот на авионот брзо реагирал и со помош на неколку патници го совладал човекот.
Остатокот од летот го поминал во задниот дел на авионот, со врзани раце под постојан надзор на членовите на кабинскиот екипаж.
Инцидентот се случил додека авионот бил над Атлантикот, на половина пат до главниот град на Венецуела.
При конфликтот со сопатникот кој се обидел да ја отвори вратата бил повреден еден член на персоналот.
И покрај инцидентот, авионот безбедно и навреме слетал во Каракас, каде властите го уапсиле патникот кој ја предизвикал неволјата.
Засега не е познато што го поттикнало да се обиде да ја отвори вратата од авионот.