Skip to main content
Свет

Патничка се обиде насилно да ја отвори вратата додека авионот бил над Индискиот Океан

01/04/2025  10:36

Авион со повеќе од 200 патници, кој летал од Бали, Индонезија, до Мелбурн, Австралија, бил принуден да се врати назад кога патничка се обидела насилно да ја отвори вратата додека авионот бил над Индискиот Океан, соопшти нискобуџетската авиокомпанија „Џетстар“.

„Нашиот авион се врати на ‘Денпасар’ (аеродром во Бали) минатата ноќ кога патник предизвика вознемиреност со обидот да ја отвори вратата на авионот навредувајќи го и попречувајќи го нашиот персонал“, се вели во соопштението на компанијата за инцидентот, кој се случи во понеделникот вечерта на 31 март.
Патникот беше преземен од локалните власти на Бали по слетувањето, додаде „Џетстар“.

Според видеото што се појави на социјалните мрежи, жена што седела во задниот дел на авионот успеала да ја подигне рачката на вратата, но потоа бил активиран безбедносниот сигнал, кој го алармирал екипажот, по што капетанот ги предупредил патниците.

Податоците од порталот за следење летови Flightradar24 покажуваат дека авионот свртел еден час по полетувањето додека сè уште бил над Индискиот Океан.