Skip to main content
Македонија

Партијата на пензионерите излегува од коалиција со СДСМ, на локалните ќе оди со ВМРО-ДПМНЕ

29/06/2025  16:59

Партијата на пензионерите денеска објави дека ќе ја напушти досегашната коалиција со СДСМ и на претстојните локални избори ќе настапи како дел од владејачката коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што соопшти претседателот на партијата, Илија Николовски, одлуката е донесена на барање на членството – околу 90% од нив се изјасниле дека сакаат соработка со актуелната власт.

– Ние, како Партија на пензионери, досега бевме во коалиција со СДСМ. Имаме извршен одбор, имаме централен одбор, расправавме на таа тема и од 100 луѓе, неколкумина се изјаснија дека треба да бидеме самостојни, ниту еден не се изјасни дека треба да останеме со СДСМ, а 90% се изјаснија дека се за коалиција со актуелната власт. Желбата на членството е да одиме со актуелната власт – изјави Николовски.

За претстојните локални избори, партијата ќе настапи со свои советнички листи во Штип, Делчево и во Пехчево, додека во општина Карбинци ќе има и сопствен кандидат за градоначалник.

– Ние имаме кандидати, ќе предложиме во Штип да имаме советник, во Карбинци имаме и кандидат за градоначалник, ќе бараме во Делчево, во Пехчево – додаде Николовски.

Според него, очекувањата се за зголемена активност и за вклученост на членството, како и за добивање поголем број советнички места во општините. На државно ниво, партијата ќе бара и учество во извршната власт, преку министерски позиции и преку директорски функции.