Skip to main content
Македонија

Партијата на пензионери останува со СДСМ – дел од раководството ја одбива коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ

01/09/2025  16:31


Дел од раководството на Партијата на пензионери, заедно со членови и поддржувачи од повеќе општински организации, денеска објавија дека ќе продолжат со поддршка на досегашниот коалициски партнер СДСМ на претстојните локални избори.

На прес-конференција, потпретседателот на партијата, Миле Андоновски, изјави дека одлуката на Извршниот одбор за отпочнување коалициска соработка со ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива, поради голем број критики, разочарување и револт меѓу членството.

– Со СДСМ делиме исти идеолошки вредности, имаме компатибилни програмски цели и пензиски политики и соработуваме на принципиелни основи. Наш приоритет останува правично, стабилно и долгорочно остварување на интересите на пензионерите во земјата – нагласи Андоновски.

Тој најави дека во наредните денови претставници на партијата ќе остварат директен контакт со локалните изборни штабови на СДСМ и коалицијата, со цел активно вклучување во предизборните и изборните активности. На новинарско прашање што ќе се случи доколку остатокот од раководството не се согласува со оваа одлука, Андоновски предупреди дека може да дојде до поделба на партијата.

Меѓу главните причини за отфрлањето на соработката со ВМРО-ДПМНЕ, како што информираше, се наведуваат несоодветното образложение на Извршниот одбор, потенцијалното фаворизирање на лични политички амбиции на поединци, како и длабоките идеолошки разлики и несогласувања околу пензиските политики.

– Нелогично е преминувањето преку постоечките разидувања во идеологијата и пензиските мерки на ВМРО-ДПМНЕ со нашата програма, бидејќи тоа води кон обезличување на Партијата на пензионери и губење на нејзиниот политички идентитет – додаде Андоновски.

Тој упати и критика кон, како што рече, „популистичките пензиски политики на актуелната власт“, меѓу кои ја спомена и мерката за линеарно зголемување на пензиите, оценувајќи ја како обид за предизборен поткуп на пензионерите.

– Остануваме истрајни во заложбите за зачувување на стабилноста и долгорочната одржливост на пензискиот фонд, како и за подобрување на животниот стандард и здравствената заштита на пензионерите – порача Андоновски.

Дали оваа разидуваност ќе доведе до официјална поделба во партијата ќе биде познато во наредниот период.