Skip to main content
Свет

Парамаунт ја тужи управата на Ворнер Брос за да го блокира спојувањето со Нетфликс

12/01/2026  21:27

Компанијата Paramount Skydance поднесе тужба против управата на Warner Bros. Discovery (WBD) пред судот во Делавер, со цел да го спречи планираното спојување со Нетфликс. Во тужбата, Парамаунт бара Ворнер Брос да објави дополнителни информации за да им овозможи на акционерите да донесат, како што наведуваат, „информирана одлука“. Според наводите, Ворнер Брос не го објаснил доволно јасно начинот на кој ја проценува вредноста на кабелските телевизиски канали што планира да ги издвои пред продажбата на студискиот и стриминг-сегментот на Нетфликс.

Парамаунт, исто така, бара измени во статутот на Ворнер Брос, со кои акционерите би добиле право посебно да се изјаснат за издвојувањето на кабелските канали, меѓу кои се CNN и TNT, пред финализирањето на зделката со Нетфликс. Извршниот директор на Парамаунт, Дејвид Елисон, во писмо до управниот одбор на Ворнер Брос најави дека ќе го оспори договорот со Нетфликс на редовното годишно собрание на акционери или на вонредна седница, доколку биде свикана за одобрување на спојувањето.

Парамаунт повтори дека останува на својата понуда од 30 долари по акција за Ворнер Брос, оценувајќи ја како поповолна од понудата на Нетфликс од 27,75 долари по акција, која се однесува исклучиво на студискиот и стриминг-сегментот од работењето. На почетокот на декември, Нетфликс соопшти дека постигнал конечен договор со Ворнер Брос Дискавери за преземање на филмското и ТВ-студио Warner Bros, вклучувајќи ги HBO и HBO Max, за 82,7 милијарди долари, од кои 72 милијарди долари се капитал. Инаку, Ворнер Брос Дискавери уште во октомври ја одби понудата на Парамаунт за преземање вредна 108 милијарди долари, но Парамаунт не се откажува и преку правни чекори се обидува да го блокира договорот со Нетфликс.