Skip to main content
Свет

Папата Лав ги повика САД да не се обидуваат со воена сила да го соборат Мадуро

02/12/2025  21:36

Папата Лав Четиринаесетти денеска ја повика администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да не се обидува да го собори со воена сила венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Според него подобро е да се започне дијалог или да наметне економски притисок врз Венецуела.

Папата Лав Четиринаесетти додаде дека се нејасни сигналите на администрацијата на Трамп за нејзината политика кон Венецуела.

– Од една страна, се чини дека имало повик меѓу двајцата претседатели. Од друга страна, постои опасност да има некаква воена операција, наведе папата алудирајќи на минатомесечниот телефонски разговор помеѓу Трамп и Мадуро.

Администрацијата на Трамп разгледува опции за борба против она што го претстави како „улога на Мадуро во снабдувањето со нелегални дроги што убиваат Американци“. Мадуро негира  каква било вмешаност со нелегалната трговија со дрога и оти САД сакаат да го соборат и да ги конфискуваат венецуелските нафтени наоѓалишта, кои се меѓу најголемите во светот.