
Папата Лав Четиринаесетти денеска ја затвори светата врата на базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, со што официјално заврши Светата година. Следниот јубилеј не се очекува пред 2033 година, кога Црквата може да организира посебен јубилеј со кој ќе одбележи 2.000 години од смртта на Исус.
Папата ги повика христијаните ширум светот да им помогнат на оние на кои им е потребна помош и да се однесуваат кон странците со љубезност. Лав Четиринаесетти, кој грижата за имигрантите ја стави во фокусот од неговото папство, на церемонија во Ватикан рече дека рекордни 33,5 милиони верници кои го посетиле Рим за време на Светата година требало да научат дека луѓето не треба да се третираат како обична „стока“ или како обична работа.
„Околу нас е искривена економија која се обидува да профитира од сè. Дали ќе бидеме поподготвени по оваа година да го препознаеме верникот во посетителот, барателот на азил во странецот, ближниот во доселеникот?“, праша папата.
Светите години, или јубилеите, обично се организираат на секои 25 години и се сметаат за време на мир, прошка и помирување. Верниците во Рим можат да влезат низ посебна „Света врата“ во четири од римските базилики и можат да присуствуваат на папските аудиенции во текот на целата година.
Ватиканските и италијанските претставници изјавија дека верници во Рим во јубилејната година 2025 пристигнале од 185 земји, повеќето од нив од Италија, САД, Шпанија, Бразил и Полска. Јубилејот 2025 година го одбележа редок случај, каков што последен пат е виден пред 300 години. Имено, го отвори еден папа – Франциск, а го затвори неговиот наследник – Лав.
