Skip to main content
Свет

Папата денеска се појавува во јавноста за прв пат откако беше хоспитализиран

23/03/2025  13:11

Папата Франциск денеска ќе го има своето прво јавно појавување откако беше хоспитализиран со пневмонија во февруари. Папата планира да ги благослови верниците од 10-тиот кат на римската болница Гемели.

Откако ќе се збогува со болничкиот персонал, тој ќе се врати во Ватикан на најмалку два месеци одмор и рехабилитација, а за тоа време лекарите велат дека треба да се воздржи од излегување меѓу верниците и од големи напори.

Личниот лекар на папата, д-р Луиџи Карбоне, рече дека папата, кој има 88 години, треба да може да продолжи со сите негови нормални активности на крајот од неговото лекување.

Папата ќе има пристап до дополнителен кислород и 24-часовна медицинска нега по потреба, иако Карбоне рече дека се надева дека ќе му треба се помалку помош при дишењето додека неговите бели дробови се опоравуваат.

Лекарите прво дијагностицирале комплексна бактериска, вирусна и габична инфекција на респираторниот тракт, а набргу потоа и воспаление на двата бели дробови. Тестовите на крвта покажаа знаци на анемија и почеток на бубрежна инсуфициенција, а сето тоа подоцна исчезна по две трансфузии на крв.

Во текот на изминатите две недели состојбата на Франциск се стабилизира. Веќе не мора да носи маска за дишење во текот на ноќта и неговиот дополнителен кислород во текот на денот е намален.

Портпаролот на Ватикан Матео Бруни одби да коментира и ги потврди претходно закажаните настани, аудиенција на 8 април со британскиот крал Чарлс Трети и велигденска служба на крајот на месецот.

Но, тој рече дека се надева дека папата би можел да биде доволно здрав за да отпатува во Турција на крајот на мај и да учествува на годишнината од соборот во Никеја во 325 година.