Skip to main content
Свет

Папа Лав Четиринаесетти: Доста беше војна во Украина, сега Москва и Киев нека разговараат

26/12/2025  09:15

Папата Лав XIV во својата божиќна порака „До градот и светот“ (Urbi et Orbi) порача дека Црквата му го доверува европскиот континент на Исус Христос, Принцот на мирот, и дека посебно се моли да „замолкне татнежот на оружјето“ во Украина, како и Киев и Москва да најдат храброст за искрен дијалог.

– Целиот европски континент му го доверуваме на Принцот на мирот, молејќи го да продолжи во него да инспирира дух на заедништво и соработка, верен на своите христијански корени и историја, и да биде поддржувачки и гостопримлив кон оние на кои им е потребна помош, рече Папата во пораката до верниците на Божиќ, кој според грегоријанскиот календар се одбележува на 25 декември, соопшти денеска канцеларијата за печат на Светата столица.

Тој повика на посебни молитви „за мачениците на украинскиот народ“.

– Нека престане татнежот на оружјето и вклучените страни, со поддршка на меѓународната заедница, нека најдат храброст за дијалог на искрен, директен и почитуван начин, рече папата Лав XIV.

Тој истакна дека „кој не сака, не е спасен, тој е изгубен“, како и дека „патот кон мирот е одговорност“.

– Кога секој од нас на секое ниво, наместо да ги обвинува другите, прво би ги признал сопствените недостатоци и би побарал прошка од Бога, а истовремено би се ставил во позиција на оние кои страдаат, би покажал солидарност со најслабите и најпотиснатите, тогаш светот би се променил. Секој од нас може и мора да го направи својот дел за да ги отфрлиме омразата, насилството и противењето, и да практикуваме дијалог, мир и помирување, апелираше папата Лав XIV.

Папата го честиташе Божиќ на десет јазици, вклучувајќи ги латинскиот, кинескиот и арапскиот. Откако ја обнови традицијата на божиќни честитки на разни јазици, Папата Лав XIV од централната галерија на базиликата Свети Петар, пред околу 26.000 луѓе на плоштадот, го даде благословот „Urbi et Orbi“.