Skip to main content
Македонија

Пановски: Од Советот очекувам да не губи време за тоа кој бил предавник, а кој патриот, туку итно да го изгласа БРТ-проектот

16/10/2025  14:57

Во пресрет на локалните избори, додека партиите ги прават последните подготовки за изборниот ден, кандидатите се растрчани на терен, а Скопје тоне во отпад, микробиологот Никола Пановски, кој бара втор советнички мандат во Град Скопје, ги издвои приоритетите на новиот совет. Тој е кандидат за советник од редовите на ЛДП и коалицијата „Искуство за успех“.

Кои проблеми во Скопје ги сметате најитни за решавање?

„Во вистинските демократии, кон кои ние се стремиме, локалните совети се одраз на нивото на политичка култура и ефикасност. Така треба да биде и кај нас во Скопје, градскиот совет треба да биде во функција на граѓаните, а не на партиите. Според мене, како најитен проблем би го навел јавниот превоз и тоа дека треба да се донесе конечна одлука за проектот ‘Брз автобуски превоз’ (БРТ) и да знаеме како ќе постапуваме по тоа прашање понатаму. Второ, отпадот и хигиената. Не мора да одите подалеку од вашиот дом и првите контејнери за да се уверите и самите дека со тоа има сериозен проблем и, трето, но не и помалку важно е аерозагадувањето. Како што заладува времето, така проблемите со загадувањето на воздухот стануваат сè поочигледни и сметам дека таму исто така треба брза и одлучна акција“.

Советот е колективно тело. Како гледате на соработката со колегите од другите партии и со идниот градоначалник на Скопје?

„Соработката треба да биде врз основа на корисни идеи и проекти, а не блокирање само затоа што предлогот не му се допаѓал некому или не доаѓа од нивната партија. Да не губиме време во досадни и беспредметни дискусии за тоа кој што и како направил во минатото, кој бил криминалец, кој бил предавник, а кој патриот. Во изминатите 4 години честопати дискусиите немаа врска со локалните проблеми. Новиот градоначалник на Скопје треба да биде во контакт и соработка со сите советници, да биде пример за редовност, ажурност и транспарентност, да биде толерантен на конструктивни критики и најважно – да има слух за проблемите на сите граѓани“.

Што сметате дека е она што ве издвојува од другите кандидати за советници?

„Како прво, јас сум меѓу највозрасните, најискусните, сум докажал дека сум човек со интегритет и граѓаните ми се пред партијата. Поддржувам, а и критикувам идеи, проекти и одлуки, кои се добри, без разлика од која партија доаѓаат. Изминатиот мандат почнавме многу работи, кои поради една или друга причина, не успеавме да ги завршиме. Имаме нова шанса пред нас да направиме вистински промени на овие избори. Затоа апелирам до сите граѓани кои му мислат добро на Скопје, да гласаат в недела и да ни ја дадат поддршката за наредните 4 години заедно да направиме една успешна градска приказна“.