Skip to main content
Скопје

Панорамско тркало и нови атракции, стартува подготовката за луна паркот во Скопје

11/02/2026  16:56

Започна расчистувањето на просторот во Градскиот парк во Скопје, каде што е планирана изградбата на новиот луна парк. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи информираше дека се отстрануваат постојните објекти кои, како што наведе, биле бесправно изградени, со цел да се подготви теренот за реализација на проектот.

Во објавеното видео се гледа механизација како ги отстранува старите објекти на локацијата, а градоначалникот порача дека станува збор за почеток на реализација на еден од најавените проекти за модернизација на градот.

Според најавите, новиот луна парк ќе се простира на површина од околу 84.000 квадратни метри и ќе содржи различни забавни содржини, меѓу кои панорамско тркало, пиратски брод, подморница, „среќна лулашка“, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност.

Од Градот најавуваат дека концептот предвидува современ забавен парк изграден според европски стандарди, со амбиција да стане една од поголемите атракции во регионот и ново место за рекреација и забава на граѓаните.

Проектот за изградба на нов луна парк е дел од програмските определби на градоначалникот, а претходно беше најавено и започнување на постапка за јавна набавка за проектирање и монтажа на содржините.