Метео анализа на Славчо Попоски:
Температурната инверзија продолжува и за време на овој викенд во Македонија, што значи и понатаму котлините ќе бидат многу поладни за разлика од повисоките места, планините и од Скијачките центри, каде ќе има многу повеќе сонце (особено утре сабота, а во недела повремено ќе има и променлива облачност). Останува претежно тивко или со сосема слаб ветер од променлив правец.
Во повеќе котлини, особено Полошката котлина, Пелагониската котлина и котлините во Повардарието, вклучувајќи ја и Скопската котлнина и понатаму ќе има густа магла и ниска облачност, па токму поради ова во овие котлини како што погоре наведов ќе биде многу поладно.
Што се однесува до температурите, тие за време на овој викенд особено на повисоките места, планините и на Скијачките центри ќе се искачуваа до околу, па и над 10 степени, а особено во крајниот југоисточен дел тие ќе достигнуваат и до 16 степени. Во Скопје температурата останува значително пониска и под 10 степени.
Инаку деновиве сме во поле на висок воздушен притисок (Антициклон), имаме зголемена влажност во воздухот, па токму поради ова имаме и многу густа магла во многу котлини низ Македонија.
Да напоменам дека во следниот период поради значително повисоките температури на воздухот, кои ќе бидат натпросечно високи, особено на повисоките места, планините и на Скијачките центри, ќе дојде до забрзано топење на снежната покривка.