Skip to main content
Живот

Овој мал утрински ритуал може да ве ослободи од сите грижи – утре го славиме светителот со златна уста

25/11/2025  21:49

Утре, 26 ноември, православните верници го слават Свети Јован Златоуст, еден од најголемите црковни отци и најпочитуваните проповедници во историјата на христијанството. Роден е во Антиохија во 354 година, потекнувал од угледно семејство – татко му Секунд бил војвода, а мајка му Антуса се истакнувала со побожност и мудрост. Уште во младоста, Јован се разочарал од паганските учења и ја прифатил христијанската вера како единствен пат на вистината.

Крстен бил од антиохискиот патријарх Мелетиј, а по него крштението го примиле и неговите родители. По нивната смрт, Јован се замонашил и започнал строг подвижнички живот. Во тоа време ја напишал бесмртната книга „За свештенството“, а според преданието, тогаш му се јавиле светите апостоли Јован и Петар, прорекувајќи му голема служба, благодат, но и тешки страдања.

Кога дошло време да биде ракоположен за свештеник, ангел Господов им се јавил и на патријархот Флавијан и на самиот Јован во исто време. За време на ракополагањето се виделе два светли бели гулаби над неговата глава, знак на благодат и мудрост.

Како проповедник бил прочуен по јасноста на зборот, силата на мислата и ревноста кон верата.

Според желбата на императорот Аркадиј, бил избран за патријарх Цариградски и шест години управувал со непоколеблива мудрост и праведност.

Свети Јован Златоуст зад себе оставил огромно духовно наследство. Ја проширил милосрдната дејност на црковните заедници, а неговото толкување на Светото писмо се смета за едно од најдлабоките во историјата. Тој е автор и на посебниот литургиски чин, Литургијата на Свети Јован Златоуст, која денес се служи во речиси сите православни храмови.

Во прогонство поминал три години. Починал на Крстовден, на 14 септември 407 година, во местото Коман во Ерменија. Пред смртта повторно му се јавиле светите апостоли Јован и Петар и светиот маченик Василиск, во чија црква ја примил последната причест.

Неговите последни зборови биле: „Слава на Бога за сè“ – зборови кои ја откриваат длабочината на неговата вера и дух.

Денес, главата на светиот Јован Златоуст се чува во Успенскиот храм во Москва, а телото во Рим, во Ватикан.

На што е заштитник Свети Јован Златоуст
Во православната традиција, Свети Јован Златоуст се смета за: заштитник на проповедниците и свештенството, на говорниците и учителите, бранител на сиромашните и обесправените, заштитник на семејствата кои се стремат кон мир, правда и вистина.

Неговата мудрост е симбол на чистота на умот и јасно слово, па затоа луѓето често му се молат за вистинска мисла, правилна одлука и духовен мир.

Обичаи и верувања поврзани со празникот

Се смета дека на овој ден жените треба да се воздржат од работа со тенки предмети – игла, конец, предење или плетење.

Според старото верување, „кој го прекинува конецот на овој ден, го прекинува својот животен тек“, па се советува денот да помине во мир, молитва и духовна насоченост.

Во некои краеви постои обичај жените да носат конец од Свети Јован до Свети Петар, како симбол на здравје, благослов и заштита на домот.

Што се препорачува на овој ден
На денот на Свети Јован Златоуст верниците традиционално присуствуваат на литургија, која е токму Литургијата составена од него, се молат за мудрост, здравје и семеен мир, прават дела на добрина, особено кон сиромашни и болни – нешто што самиот светец страстно го поддржувал, избегнуваат кавги, гнев и груби зборови, во чест на неговото „златно слово“.

Постои старо верување дека утрото на празникот треба да е направат „три тивки чекори за среќа“. Односно, рано наутро, пред сите да станат, да се направат три чекори наназад во домот – полека, тивко, со мислата:

„Оставам зад мене сè што беше тежина. Влегувам во денот со светлина.“

Ова се смета за симболично „оттргнување“ од старите грижи.