Skip to main content
Македонија

Отворен повикот за натпреварот „Средношколец милионер“, најдобрата средношколска бизнис идеја ќе добие 1 милион денари

15/10/2025  09:30

Средношколци од сите делови на државата до 26 октомври можат да се пријавуваат за да ја освојат главната награда за најдобрата бизнис идеја во Македонија – „Средношколец милионер“.

Право на учество имаат сите ученици од прва до четврта година, од државните и приватните средни училишта, кои може да аплицираат индивидуално, во пар или во тим кој брои до шест членови.

Од „Бреинстер“ известуваат дека огромен број ученици од сите краеви на земјава веќе ја поднеле својата идеја за првенствената награда за најдобра бизнис идеја.

“Со „Средношколец милионер“ им овозможуваме на учениците учат преку пракса, да ја почувствуваат динамиката на претприемништвото и да ги развијат своите идеи во вистински проекти. Нашата мисија има за цел да го поттикне претприемачкиот дух и креативноста кај младите, но и да создаде здрав натпреварувачки дух меѓу нив”, велат организаторите.

Тие појаснуваат дека конкуренцијата ќе се одвива во 4 фази, со почеток на отворениот повик за апликации на 1-ви октомври кој трае до 26-ти октомври. Во овој период, заинтересираните ученици ќе можат да ги пријават своите идеи на веб-страницата milioner.mk. Од 27-ми октомври до 2-ри ноември ќе се одбере најдобрите 50 идеи. Втората фаза започнува на 3-ти ноември, кога 50-те идеи ќе бидат ставени на гласање пред јавноста.

Целта е пошироката публика да гласа за својот фаворит, односно за идејата која ја сметаат за најистакната. Дваесетте идеи со најголем број гласови ќе продолжат во следната фаза. Успешните идеи добиваат бесплатна подготовка со советници за последните 2 фази преку бесплатни менторски сесии кои ќе бидат организирани во неколку предавања во периодот од 17-ти до 28-ми ноември.

Третата фаза е полуфиналето, кое ќе се одржи во просториите на Бреинстер колеџот и НУ академијата за талентирани средношколци. Таму, 20-те победнички идеи, претставени од тимови, ќе ја презентираат својата идеја пред инвеститори во времетраење од 90 секунди преку т.н. “elevator pitch” – симулација на ситуација во која случајно сретнувате потенцијален инвеститор во лифт и имате само 90 секунди да ја искористите можноста да го убедите во вашата идеја.

Во финалната четврта фаза, продолжуваат 10-те најуспешни идеи, кои на 30-ти ноември ќе ја презентираат својата идеја на истото место, но овој пат ќе имаат 5 минутен настап пред стручното жири кое ќе ја избере најдобрата бизнис идеја која ќе добие награда од еден милион денари.

Организаторите на натпреварот истакнуваат дека интересот е голем, но и дека има ученици кои се колебливи, иако имаат одлична бизнис идеја. Според нив, клучна улога тука имаат и наставниците, но и родителите, кои се главните личности во создавањето на здрава и самоуверена младина.

“Многу ученици имаат одлични идеи, но понекогаш им недостига само еден збор охрабрување. Родителите и наставниците се тие кои можат да ја запалат искрата на самодоверба кај младите. Една реченица од нив може да направи разлика меѓу идеја што останува на хартија и идеја што го менува светот”, велат од „Бреинстер“.

“Нашето искуство, велат тие, е дека нашите млади се многу талентирани но им треба поттик и мотив за да засјаат во полн сјај.”

Минатата година, под истата капа на организатори, беше организиран најголемиот натпревар за математика ULIMATH, во кој најдобриот математичар од Македонија доби награда од 10,000 евра.