Skip to main content
Скопје

Отворен Младинскиот хаб на Град Скопје – нов простор за идеи, учење и проекти на младите

30/01/2026  19:40

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес го отвори Младинскиот хаб на Град Скопје, современ и инклузивен простор наменет за младите, нивните идеи и проекти. На настанот присуствуваше и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Армен Григоријан. Хабот е целосно опремен со средства обезбедени од УНДП и ќе се управува од млади стручни кадри со искуство во младинската работа, образование, култура и иновации. Во него младите ќе можат да организираат свои настани, работилници и обуки, да добијат менторство и да се поврзат со институции, невладиниот и приватниот сектор.

„Овој простор е замислен да биде живо јадро на младинската енергија, место каде младите самостојно ќе иницираат и реализираат свои настани и проекти, а студентите и младите професионалци ќе учат, работат и напредуваат преку работилници, обуки и менторски процеси. Посебен акцент се става на соработката со невладиниот сектор, како и на партнерствата со институциите и приватниот сектор, со цел вмрежување, размена на знаења и создавање нови можности за личен и професионален развој.“, порача градоначалникот Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека хабот е стратешка инвестиција во иднината на Скопје и јасна потврда дека младите се во фокусот на развојните политики на градот.