
На 21 јуни, сабота – првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката – ќе се отвори 46. издание на фестивалот „Скопско лето“.

Во 19 часот во Музеј на Град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ на нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски.
Трагајќи по топосите на источноевропската авангарда, авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија. Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первентираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па сè до денес. Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“ рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери. Утопија среде антиутопија, вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена, а собраните средства ќе бидат донирани на Здружението за заштита на животните „Anima Mundi“.
Во 20:30 часот во Салата на Македонската Филхармонија ќе се одржи концерт насловен „Мостови на музиката: Софија – Скопје“. На сцената ќе настапат Академскиот оркестар „Панчо Владигеров“ од Националната музичка академија – Софија, како и млади диригенти и музички уметници од Македонија и Бугарија.
Диригенти: Ана Спасовска и Николаи Хилендаров
Солисти: Јана Каевска – флејта, Марија Магдалена Желјазгова – флејта, Санја Јович Джорджевич – виолина, Тодор Иванов – виолончело, Искра Атанасова – Митуш – пијано и Николај Маринов – пијано.
На концертот ќе бидат изведени дела од А. Вивалди, В.А. Моцарт, Ф. Лист, П.И. Чајковски.
Една сцена. два града, еден заеднички јазик – музиката. Концерт што го слави музичкото пријателство и креативната соработка меѓу млади уметници од регионот. Очекувајте вечер исполнета со енергија, инспирација и уметност без граници!
Влезот е слободен.