Skip to main content
Култура

Oтворање на 15. Филозофски филмски фестивал со „Евангелие според Матеј“ од Пазолини

22/05/2025  12:10

Вечерва почнува 15. јубилеен Филозофскиот филмски фестивал со проекцијата на филмот „Евангелие според Матеј“ (1964) од истакнатиот италијански режисер Пјер Паоло Пазолини (1922-1975).

Со почеток од 20:30 часот во кино-салата на Кинотеката, посетителите ќе можат да го проследат филмот чија мотивација за снимање биле поетските врвови на Евангелието и преку кој Пазолини, со неговите контроверзни ставови за религијата, успеал да создаде импресивен библиски филм. Претходно, во свечениот дел (почеток во 20:00 часот) поздравни обраќања ќе имаат Ѓорѓи Пулевски, програмски директор на Фестивалот и Н.Е. Паоло Палминтери, амбасадор на Република Италија во Скопје.

„Евангелие според Матеј“ е дел од Ревијалната програма на Фестивалот, но воедно и последен филм од Ретроспективата Пазолини што во изминатиот период ФФФ ја организираше со поддршка на Амбасадата на Италија.

„Евангелие по Матеј“ е библиската драма режирана од Пиер Паоло Пазолини што го следи животот на Исус Христос како што е претставен во Евангелието според Матеј од Новиот Завет. Дијалозите во италијанскиот филм го следат автентичниот текст на евангелието, кое се фокусира на учењата на Исус, вклучително и неговите алегории. Снимен e на локации во Јужна Италија, во манирот на италијанскиот неореализам, со впечатлива документаристичка црно-бела фотографија, и со непрофесионални актери, вклучително и мајката на режисерот, Сузана Пазолини, во улогата на постарата Марија, мајката на Христос. Исус е толкуван од Енрике Иразоквај, шпански студент со марксистички убедувања кој бил во посета на Рим токму во времето кога Пазолини долго време барал човек кој ќе го толкува главниот лик во наредниот негов филм. Неговиот Исус го има токму духот на 1960-те – личност која протестира против војните, дебатира против материјализмот и привилегиите на богатите.“

(Билетите за сето време на оджување на Фестивалот се по редовните цени во Кинотеката, односно 150 денари по проекција.)