
Љупчо Палевски, првообвинетиот за грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, денеска во судница му поставуваше прашања на сообвинетиот Велибор Манев.
Манев: Палчо запали цигара по убиството на Вања, и со средство кое чисти днк траги, го исчисти алатот со кој ја закопавме.
Тој го соочуваше Манев со неговите разлики во трите сведочења, две дадени за време на истрагата и едно на судење.
Тој кажал три верзии, за тоа каде бил точно кога Палевски ја убил Вања, па го праша која е вистината и дали телото на девојчето било поместено.
-Кога ја уби Вања не бев на 100 метри одалеченост, бев на 10-15 метри и видов како го носи перничето и ја уби. Потоа изведи нови купени алати и не натера да копаме дупка на одалеченост од 10 метри од местото каде ја уби и да ја закопаме. Единствено преместување на телото е по убиството е кога ја однесовме во дупката, рече Манев.
Тој појасни дека сега ја зборува вистината.
-Кога давав исказ во обвинителството се знае во каква состојба бев. После тоа ми се избистри главата и да почнав да ја зборувам вистината, па што сака нека биде понатаму, рече Манев.
На прашањето на Палевски, колку време ја копале дупката, Манев рече:
-Немав часовник, телефон, 20-тина минути сигурно.
Потоа Палевски праша: ,,Дали телото на Вања во тие 20 минути го поместувавте?
-Само еднаш, откако ја уби, кога ја ставивме во дупката, одговори Манев.
Палевски му реплицираше и рече дека според доказите на обвинителството постојат две траги од крв, во дупката и дека трета нема.
-Како е можно да биде детето убиено со пиштол од 9 милиметри, да биде 20 минути на тоа место и на тоа место да нема ниту една капка крв, додека другите две траги од крв се во дупката?, го праша Палевски.
-Детето беше во вреќа. Откако го положивме во гробот, вреќата ја извлече Палевски и ја фрли во колата. И затоа е можно да нема крв на местото каде што ја уби, рече Манев.
Тој додаде дека алатите со кои ја копале дупката за Вања се фрлени по пат, а претходно Палевски ги исчистил, од рачка до металот, ги прскал со средство кое ги чистело днк трагите и ги ставил во автомобилот.
-На отприлика на 500 метри, Влатко Кешишев ја отвори вратата и ги исфрли алатите, сведочеше Манев.
Палевски го праша и каде е фрлена перницата, преку која, како што вели, пукал во Вања, бидејќи двете перници доставени во судот немале дупки, ниту барутни честички.
Манев рече дека перницата е фрлена во возилито на Жежев, кој што подоцна бил запален.
Тој додаде дека по убиството на девојчето Палевски видел на интернет дека се кренало ,,џева”.
-По убиството на Вања, Палевски ладнокрвно запали цигара и рече дека се кренало џева во јавноста за девојчето, рече Манев.